Во Основниот суд во Охрид денеска повторно беше одложен главниот претрес во судскиот процес што се води против браќата Нефи и Ибраим Усеини, за физички напад на охриѓанецот Спирко Топалоски, кој се случи во август годинава.
Овој пат причина за одложување на рочиштето беше вирусот Ковид 19, поради што обвинетиот Нефи Усеини во моментов не може да присуствува на судењето, бидејќи треба да е во изолација.
Ова е трето одложување на почетокот на овој судски процес кој го започна судијата Милчо Клишески, а го продолжи судијката Билјана Белеска.
На првото рочиште не се појавија обвинетиот Ибраим Усеини и оштетениот Топалоски. Второто рочиште беше одложено поради операција на Нефи Усеини во Турција и стоматолошка интервенција на Спиро Топалоски, а третото поради позитивен ковид тест на обвинетиот Нефи Усеини.
Покрај денешното, судот имаше закажано уште едно рочиште на 3 декември кое исто така е одложено, а судењето треба да продолжи во јануари 2021 година.
Обвинителството ги товари браќата Усеини дека на 18 август 2020 година, околу 11.30 часот, извршиле грубо насилство врз охриѓанецот Спирко Топалоски. Тие се бранат од слобода, откако приложија гаранција во вредност од 850.000 евра.
OhridNews