Машката ракометна репрезентација на Македонија го доживеа првиот пораз во квалификациите за пласман на ЕП. Синоќа во Скопје, актуелниот светски шампион франција славеше со 25:27 (13:15).

Беше тоа интересен и динамичен меч во кој триколорите демонстрираа атомски ракомет, а Македонија извонредно парираше. Нашите момци во првото полувреме имаа и водство (6:5), по што Франција ја презеде иницијативата и на одмор замина со предност од два гола.

Гостите, кои настапија во најсилниот состав, во вториот дел дополнително го засилија темпото и во одбрана и во напад, а во 41та минута стигнаа и до највисокото водство 17:22. Следеше одговор од Македонија која на три минути до крајот стигна на само гол негатива (25:26), но црвено жолтите не искористија неколку напади за израмнување. Казната стигна на триесетина секунди до крајот за конечни 25:27.

Најефикасни во нашата репрезентација беа капитенот Лазаров и Стоилов со по пет гола, а кај французите Гигу постигна 6.

Реваншот се игра во Тулуз на 3-ти мај, додека во јуни на Македонија и претстојат клучните средби за пласман на Европското првенство, против Швајцарија на гости и Чешка дома.

Г.М.