До редакцијата на OhridNews пристигнаа реакции од родители на матуранти кои учат во економското училиште „ Св. Кирил и Методиј“. Велат дека се незадоволни што и нивните деца, како учениците од четврта година во гимназијата, годинава нема да заминат на матурска екскурзија надвор од земјата.

Идејата, чија реализација е во тек, матурантите од гимназијата наместо завршувањето на средното образование да го слават во хотели и ресторани да заминат на патување во Италија е навистина добра. Се прашуваме зошто и училишниот одбор од економското училиште   не донесе таква одлука.Многу подобро децата да посетат странска земја отколку да се трошат пари за прослави како што беше до сега, велат родителите.

ВД директорката на СОСУ „ Св. Кирил и Методиј“, Славица Костоска, објаснува дека причините се во неодамнешното осамостојување на училиштето како самостоен правен субјект.

Законот за средно образование е дециден- учениците во текот на школувањето во средните училишта може само еднаш да одат на екскурзија. Нашите матуранти и оние од трета година беа на екскурзија во втора година . Другите училишта бидејќи постоеја и претходно како правни субјекти можеа да порано да ги преземат активностите за вклучување на оваа активност во програмата, која ние во моментов ја немаме. Ние сме нов субјект и немаше време кога тоа да го преземеме и спроведеме, објаснува Костоска.

Таа додава дека доколку се реализира екскурзијата во нивното училиште за сегашните матуранти тоа би било спротивно од законските прописи.

По реализирана анкета врз матурантите и по одлука на училишниот одбор, матурантите од охридската гимназија „ Св. Климент Охридски“ годинава ќе заминат на неколкудневна екскурзија во Италија. Во тек е процедурата за избор на изведувач .

Т.К.