Од денеска дел од раководството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), меѓу кои и претседателот на Регионалниот одбор на СОНК Охрид, Ацо Речкоски, се приклучува кон штрајкот со глад во знак на солидарност со тројцата професори од штипскиот универзитет кои штрајкуваат веќе 12 дена.
Одлуката раководството на СОНК да се приклучи на штрајкот со глад беше донесена откако вчера истече крајниот рок до кој синдикатот бараше од Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ да го спроведе решението на Државниот просветен инспекторат и да ги поправи грешките во постапката со кои тројцата професори не беа избрани во повисоки звања, иако имаа позитивно мислење од Рецензентската комисија.
– Од денес, согласно одлуката на СОНК кон штрајкот се приклучувам и јас како претседател на Регионалниот одбор и секретарот, но може да ни се придружат и останати членови на СОНК кои сакаат да изразат поддршка кон штипските колеги, вели Речкоски.
Универзитетот „Гоце Делчев“ вчера повика на прекин на штрајкот со глад и соопшти дека ова прашање ќе се реши кон средината на август. Според тројцата професори ова е само уште една манипулација, затоа што рокот за нивен избор истекува на 2 август, по што целата постапка ќе мора да се повтори и да се распишат целосно нови конкурси.
OhridNews