Децата се богатство, потребна им е грижа и љубов,ако им ја дадеш секогаш ја возвраќаат, вели охриѓанката Анкица Крстаноска која во своето семејство веќе петта година по ред има згрижено три деца без родители или родителска грижа. Децата кога ги примиле во нивното семејство, биле на возраст од три до 10- годишна возраст.

Имавме ќерка, а потоа згриживме три дечиња. Љубовта кон децата не навде на ваков чекор.Тешко е, ама ако ги сакаш децата проблемите се надминуваат. Ако им пријдеш со љубов, тие тоа го осеќаат, возвраќаат и се среќни, вели Крстаноска.

Три дечиња, браќа на возраст од четири до осум години, кои останале без соодветна родителска грижа, сега се дел и од семејството Достиновски.

Сум гледала на улица деца кои се неискапени и гладни и срцето ми се стегало. Кога го слушнав апелот на министерството за труд веднаш се пријавив. Децата кои ги зедовме не се вклопија лесно, бидејќи живееле во сосема поразлични услови, но мора да се има посебен пристап, да се биде по малку и психолог  за да се вклопат во новата средина, да се научат убаво да се однесуваат, да се одговорни. Им недостасува семејство и љубов, ние се обидуваме тоа да им го надоместиме, раскажува Татјана Достиновска.

Семејствата Крстаноски и Достиновски се засега единствените семејства во Охрид, кои имаат згрижено деца без родители или родителска грижа, во рамки на проектот на министерството за труд и социјална политика „ На секое дете му е потребно семејство“.

Директорот на охридскиот Центар за социјални грижи, Екрем Каљоши, објаснува дека пријавени се уште неколку семејства од Охрид, но кои мора да поминат одредени процедури со цел да се потврди дали тие имаат услови за згрижување деца.

Правиме напори за да се зголеми бројот на заинтересирани семејства за згрижување за да им се помогне на децата. Затоа организираме трибини и наоѓаме начини за да ги запознаеме граѓаните и да ги поттикнеме на еден ваков чекор, вели Каљоши.

Со цел да се се информира пошироката јавност за формата и начинот на сместување во згрижувачко семејство,денес, во општинската зграда се одржа трибина на која присуствуваа претставници од институции, невладини организации, граѓани кои можеа да ги слушнат и личните искуства на семејствата кои веќе го отвориле својот дом за децата на која им е неопходна родителска грижа.

Т.К.