Иако според законските прописи алкохолните пијалаци во малопродажната мрежа може да се продаваат само до 21 часот, во текот на летниот период во голем број малски трговски дуќани во Охрид алкохол може да се купи и многу подоцна. Освен тоа што алкохолот се продава во недозволено време, често пати купувачи се и малолетни лица кои престојуваат на одмор во нашиот туристички центар.

-Живеам во зграда во центарот на Охрид во чија близина има локален маркет. Секоја вечер има редици на млади туристи кои чекаат да купат алкохол. Иако е забрането да се продава по 21 часот трговците слободно продаваат пиво, вино, но и други жестоки пијалаци. Бев сведок на една наплата во истата продавница од која можев да забележам дека алкохолот се наплатува преку фискална како друг производ, односно како овошје и зеленчук, вели повозрасна госпоѓа, која не алармираше за овој проблем. Таа вели дека најчесто алкохол купуваат млади, а неретко меѓу нив има и малолетни лица.

Дека во трговските дуќани во Охрид може да се купи алкохол и по 21 часот сведочат и младите туристи кои летуваат тука.

-Сместени сме во стан во населбата „Христо Узунов“, секоја вечер можеме да купиме алкохол во секое време. Продавачките во маркетот каде што пазараме скришно ги отклучуваат фрижидерите и ветрините и ни даваа алкохол колку што ќе побараме, вели млад турист од Тетово, кој заедно со своето друштво летува во Охрид.

Од Подрачното одделение на Државниот пазарен инспекторат во Охрид велат дека во текот на летниот период редовно спроведувале контроли за почитување на законските процедури за продажба на алкохолни пијалаци во малопродажната мрежа.

-Во текот на летниот период се изречени казни на 10 прекршители од Охрид кои се санкционирани бидејќи не го обезбедиле соодветно пристапот до алкохолни пијалаци. Доколку некој од граѓаните има информација дека во одреден малопродажен објект во Охрид се продава алкохол по 21 часот може да се обрати до Пазарниот инспекторат и да поднесе претставка, па врз основа на таа претставка инспекцијата ќе излезе на терен и ќе направи контрола на посочениот објект. До сега до нас не пристигнала ниту една претставка од граѓанин во врска со продажба на алкохол во недозволено време, не информираше во телефонски разговор Ѓорѓи Бошалевски, раководител на Подрачното одделение на Државниот пазарен инспекторат во Охрид.

Тој истакна дека на инспекцијата не можат да им бидат од голема корист анонимните пријави во кои не се посочува точната локација или името на продажниот објект во кој се прави прекршок.

Инаку согласно член 24-а од Законот за трговија во летниот период од 1-ви мај до 30-ти септември  забраната за продажба на алкохолни пијалаци е од 21 до 6 часот наредниот ден, додека во зимскиот период забраната важи од 19 часот. За оние кои не го почитуваат законското решение за продажба на алкохол се предвидени казни како забрана за вршење на дејноста во траење од седум или 15 денови и парична казна до пет илјади евра.

Е.М