Актуелната економска криза во Грција не претставува пречка за охриѓани кои одлучиле својот летен одмор да го поминат во некое од грчките летувалишта. Од охридските туристички агенции велат дека засега нема откажување на резервации и аранжмани, а летувањата во Грција нормално се реализираат.

-Засега нема откажување на ниту една резервација или уплата за Грција, но сепак оние туристи кои патуваат многу повеќе се интересираат за состојбата на местото во кое одат и бараат многу повеќе информации за целокупната организација на аранжманот и условите за сместување. Со слични прашања околу условите за летување имаат и охриѓани кои планираат да уплатат аранжмани за Грција, велат од Туристичката агенција „Елида Турс“.

Покрај тоа што нема откажувања, дел од туристичките агенции кои ја нудат Грција деновиве регистрирале и нови уплати и резервации за летување во јули и во август.

-Деновиве и покрај актуелната состојба, имаме регистрирано нови уплати за аранжманите во Грција. Според информациите со кои располагаме до сега, цените на аранжманите остануваат исти и засега нема најави за можни намалување на цените за летување во грчките летувалишта, велат од Туристичката агенција „Вис Пој“.

Дел од граѓаните кои деновиве се вратиле од одмор во Грција, сведочат дека во грчките туристичките места не се чувствуваат никакви промени.

-Бевме седум дена во Неи Пори, таму летуваме неколку години по ред. И покрај кризата, условите за летување, цените, сместувањето беа исти, немаше никакви проблеми, вели млада охриѓанка која била на одмор со своето смејство.

Инаку според досегашните реализирани летувања и оние летувања за кои има резервации, најголемиот дел од охриѓани се одлучуваат за грчките летувалишта Полихроно, Олипик Бич, Паралија, Пефкохори, Ханиоти, Клаитеа, Неи Пори, Лептокарија и Парга но интерес имало и за островите Крф, Закинтос и Лефкада. 

Од она што може да се види во понудите на охридските агенции, седум-дневните аранжмани за наем на апартман или студио во некое од грчките летувалишта, во термините на јуни и септември се движат од 90 до околу 200 евра. Цените во јули и август се нешто повисоки и се движат од 200 до над 400 евра за 7 или 10 дена.

Освен плажите во Грција, за охриѓани кои планираат својот летен одмор да го поминат на море, оваа година привлечни биле и туристичките центри во Црна Гора, Албанија и Турција, за каде се регистрирани голем број резервации.

Е.М