Поглаварот на Македонската православна црква Охридска Архиепископија Г.Г. Стефан, во празничното послание по повод празникот Илинден, изрази загриженост за актуелните случувања во земјата, неединството и поделбите на нацијата, како и за загрозените универзални вредности на Охрид.
Заборавените вредности, меѓусебната идеолошка и политичка поделеност, потрошувачкиот начин на живот, негрижата за животната средина, социјалната нееднаквост, самодоволноста и горделивоста се наметнуваат како норми кои немаат ништо заедничко со вековното предание на нашите постари генерации. Земјата што ја наследивме од нашите богобојазливи прадедовци сега опустува, а сѐ повеќе млади луѓе заминуваат во други земји. Свештениот град Охрид – сесловенскиот Ерусалим, поради недоволната грижа и отсуството на потребна одговорност од надлежните институции, се наоѓа во опасност да биде исклучен од светската листа на културно наследство на УНЕСКО. – истакнува во празничното послание Архиепископот Стефан.
Денот на свети Илија – Илинден, покрај во духовната, има и посебно место во националната историја на македонскиот народ, зашто е ден над деновите во обидите за духовна и за национална слобода, вели поглаварот на МПЦ.
Во ова време преполно со предизвици, потребна ни е дополнителна будност и во бранењето на слободата, и национална и духовна, како и во грижата за споменот кон оние коишто се жртвуваа бранејќи ги верата и Татковината. За нашите вистина и историја немаме право на отстапки заради сегашноста, зашто со тоа внесуваме неизвесност во иднината. Идеалите на илинденците и на сите коишто се бореа за слобода на Македонија – треба да се и наши! Учејќи се од искуството на минатото, да се чуваме од лоши совети, од лажни пријателства, од суетни пофалби, од празни ветувања и, особено, од националното и духовно неединство. – порача Г.Г. Стефан.
Во празничното послание Архиепископот Стефан укажува дека духовната несигурност ги отвора ширум портите за агресивниот настап на сектите, за туѓите идеологии и за неприродните сфаќања, несвојствени на нашето православно народно предание. Затоа, борејќи се со бројните искушенија и предизвици, да останеме мудри како змии и незлобни како гулаби (Мат. 10, 16), та да им се спротивставиме на начин кој ни доликува, истакна поглаварот Стефан.
OhridNews