По повод 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј, честитки упатија носителите на највисоките државни и општински функции, како и политичките партии.
И по повеќе од 11 векови од нивното земско битисување делото на Кирил и Методиј е се уште живо. Во 21 век, мајчиниот јазик и неговата употреба е основно човеково право кое е универзално почитувано.
Од самиот почеток, како држава, се определивме да гледаме кон иднината, верувајќи во демократските вредности и работејќи за благосостојба на сите наши граѓани. И денес сме подготвени да подадеме рака и да го делиме местото под сонцето со сите и со секого, низ взаемно почитување, пријателство и градење заедничка иднина врз основа на демократските принципи зад кои безрезервно стоиме.
Почитувани,
Празниците во последниве месеци ги одбележуваме поразлично од изминатите години, соочени со предизвикот и опасноста од корона-вирусот. Да не дозволиме да не обземат стравот и малодушноста, да истраеме и опстоиме како одговорни и солидарни граѓани.
Празниците нека ни бидат инспириција и дополнителна мотивација за да останеме дисциплинирани, внимателни и сплотени за да ја победиме пандемијата.
Ви посакувам да го поминете празникот во мир, спокојство и радост.
Нека ни е честит 24 Мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј! – се вели во празничната честитка на претседателот Пендаровски.
По повод 24.Мај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј, празнична честитка упати и градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески.
Нека ни е честит денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј. Секое одбележување на денот на сесловенските просветители одново ја потенцира симболиката во пораките кои тие ги испраќале од нашиот свет Град. Нивното дело нè обврзува да продолжиме да ги промовираме нивната мисија на учење и традицијата која се темели на мирот, духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста. Кирил и Методиј, веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик, а врз основа на тоа да го гради својот идентитет, литература и култура.
Сите ние, треба достојно да ја почитуваме нивната жртва, но и да го продолжиме нивниот аманет во борбата за сопствениот јазик, бидејќи нивното дело никогаш не згасна, одолжувајќи преку работата на Светите Климент и Наум и преку работата на Климентовиот универзитет од каде произлегле илјадници ученици кои токму од Охрид, ја продолжиле мисијата за ширење на сесловенската писменост. – стои во честитката на градоначалникот Георгиески.
Честитка до граѓаните по повод 24 мај – Денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј, упатија и лидерите на политичките партии.
Со своето големо дело Светите браќа им го отворија патот на словенските народи, кон описменување, го поставија темелот на писменоста со што дадоа голем цивилизациски придонес.
Поради нивниот придонес, обединувачки пораки и мисии, ги славиме денеска ние, но, се слават и ширум светот, а веќе се дел од европското културно и духовно наследство.
Со нивната успешна борба за признавање на словенското писмо и јазик, Св.Кирил и Методиј го афирмираа правото на еднакво признавање на секој јазик, помогнаа за културно и духовно прогледување на многу народи ширум светот.
Во чест на Светите Кирил и Методиј стотици милиони луѓе ширум светот пишуваат на писмо именувано како кирилица, за чие ширење е најзаслужен нивниот најпознат ученик, Свети Климент Охридски, основоположникот на Охридската книжевна школа.
Нека ни е честит денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј. -стои во честитката на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
На овој ден Св. Кирил и Методиј ја започнуваат Моравската мисија на која ја шират првата словенска азбука, глаголицата. Со своето творештво македонските просветители даруваа многу народи со писменост, просветлувајќи го патот на развојот и културното издигнување.
До ден денес Македонците и светот им се благодарни на македонските просветители, чествувајќи го нивното дело.
Со своето творештво Светите браќа овозможија рамноправност на милиони луѓе, нивното учеење треба да ни биде ѕвезда водилка и во овие тешки мигови кога Македонија и Светот се соочуваат со светска пандемија, кога дома имаме економска криза и тежок живот. Нивната хуманост, посветеност и пожртвуваност нека ни биде пример за тоа како и ние треба да ги живееме своите животи, алтруистички помагајќи си еден на друг, бидејќи напредокот мора да биде заедничка цел и мисија. Само така ќе ги надминеме предзвиците и ќе создаде подобро утре за сите нас.
Нашиот јазик е нашата татковина, велеше Блаже Коневски, а нашето писмо е светлината со која се издигнуваме и културно развиваме, наше идентитетско обележје и доказ дека постоиме. Не смееме да дозволиме тргување со нашиот идентитет, и наша обврска е да се избориме за почитување на нашето наследство што е заложбина и аманет на нашите предци. Така ќе се почитуваме и себе си.
Уште еднаш нека ни е честит овој голем празник Денот и Големото дело на светите Кирил и Методиј. – стои во честитата што по повод Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, ја упати претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Политичарите го честитаат 24 Мај – Денот на сесловенските просветители
OhridNews