Со низа пригодни настани градот Охрид одбележува 120 години од смртта на големиот револуционер Христо Узунов.
Оваа исклучителна личност од македонската историја, учител, револуционер, војвода, организатор на македонската борба за слобода и бескомпромисен борец за татковината не прави особено горди и среќни што сме негови потомци охриѓани и Македонци. Ова го истакна градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков на свечената академија што се одржа денеска во спомен куќата на Христо Узунов.
Непоколебливата одлучност да се жртвува животот за добро на татковината ги надминува границите на просечноста и го воздигнуваат неговиот лик на небото на општочовечкиот копнеж и општочовечката борба за слобода. Тој е симбол за македонскиот опстој и непокор, пример за највозвишен хероизам и саможртва, синоним за стоицизам на човек, кого не го поколебаа ни најужасните искушенија и не го згаснаа кај него исконскиот револт кон неправдата која му се нанесуваше на македонскиот народ, тој е синоним за човечкиот отпор, за доблесноста, човечноста, за одлучноста да се истрае во борбата за идеалите, да не се потклекне и да се истрае се до последниот здив во вербата и борбата за слободна Македониј, реќе Пецаков.
Ваквите личности од македонската историја се вистински столбови на македонскиот нескршлив дух, на македонскиот иднтитет и на македонскиот национален и културен опстој, додаде тој.
Всушност, тие се глогов кол во срцето на бескрупулозните пропаганди на соседните држави во обидите да го негираат, да го потиснат и уништат мекедонското неколкуилјадно национално, историско и културно живеење на овој простор. А ние како нивни следбеници се заветуваме дека нема да го погазиме и промениме она што како наследство сме го добиле од нив, нашата прекрасна татковина Македонија и нашиот единствен Македонски јазик, подвлече Пецаков.
Во рамки на настанот беше промовиран драмскиот текст „Света саможртва за Македонија“ од Зоран Пејкоски, а свеченоста беше збогатена со пригодна културно – уметничка прогама во рамки на која настапи градскиот хор „Вокс Лихнидос“.
Беа изведени и сцени од драмскиот текст „Света саможртва за Македонија“ со настап на солистот Ѓоко Чеменкоски.
Вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се одржи свечената програма по повод патронатот на ОУ „Христо Узунов“.
Чествувањето продолжува во четврток, 24-ти април, со полагање цвеќе пред спомен бистата на Христо Узунов во градскиот парк во 10 часот, додека од 11:00 часот во селото Цер, Кичево, ќе се одржи панихида.
Г.М.