Патниот правец Р-2332 од Трпејца до Отешево кој минува низ Националниот парк Галичица, и оваа зима, како и изминатите три децении, ќе биде затворен за сообраќај до 1 април, односно нема да се одржува. Користењето на овој патен правец е забрането и се казнува. Единствено од охридската страна возилата со вкупна тежина до 3,5 тони можат да соообраќаат само до месноста “Kорита”, информира АМСМ.

Надлежните служби задолжени за одржување на патиштата децении наназад уверуваат дека не постои економска оправданост да се одржува овој патен правец во зима бидејќи многу малку се користи. Посочуваат дека тој е небезбеден и сериозно оштетен, а за да се поправи потребна е голема инвестиција.

Општина Охрид минатата зима најави дека се подготвува план кој ќе биде изложен пред државните институции со цел регионалниот пат преку планината Галичица да биде ставен во функција и преку зимата, но оваа зима повторно е воведена забрана во периодот од 15 ноември до 1 април.

Охридските планинари, пак, сметаат дека забраната е непродуктивна и треба да се изнајде начин овој проблем да се надмине.

-Во текот на зимата ако имаме десеттина пати обилни врнежи од снег и сметам дека не е проблем „Македонија пат“ да интервенира десеттина пати и патот да биде исчистен, со тоа ќе им овозможи на сите љубители на планината, скијањето и сноубордот почесто да ја посетуваат Галичица и ќе претстатвува стимул за развој на планинскиот туризам. – велат во разговор за OhridNews планинари од Охрид.

Изминатите години се поголем е бројот на туристи кои во Охрид доаѓаат заради убавините на Галичица, што е причина повеќе надлежните институции конечно да изнајдат решение за одржливо искористивање на природните потенцијали на оваа планина, секако притоа водејќи сметка да не се наруши рамнотежата на еко системот во кој живеат стотици ендемски видови, како никаде на друго место во Европа.

Г.М.