На само стотина метри од плажата на „Партизан“ и хотел „Мизо“ на ул. „Гоце Делчев“, повеќе од 30 години успешно му пркоси на времето стар руиниран објект за кој никој воопшто не се интересира,а најмалку надлежните институции и општината, вели охриѓанецот Васил.
Откако со години неуспешно тропал по вратите на институциите, укажувајќи на опасноста која секојдневно ги демне мештаните и случајните минувачи, тој се реши случајот да добие јавност, со надеж дека сепак некој ќе реагира и опасноста ќе биде отстранета.
Кога велам проблем пред се мислам на безбедноста на луѓето кои живеат во сосетството а кои се во постојана животна опасност од деловите кои паѓаат од руинираниот објект но и многубројните посетители на Охрид за време на туристичката сезона ( дневно поминуваат по неколку стотици па и повеќе од илјада луѓе) и истите не можат да се изначудат на негрижата на општината односно нејзините надлежни служби. – вели Васил.
Посебна приказна, се странските туристи, додава тој, посочувајќи дека оваа руинирана куќа во Воска е една од најфотографираните, но во негативен контекст.
Многу пати сме алармирале, дури и потписи на петиција сме ставале,но за жал се останало на тоа. Еве уште еден апел од жителите на ова улица до Градоначалникот и оние кои се надлежни за решавањето на овој прблем: Одважете се и направете нешето и овој дел од градот да заличи, зошто Воска е една од најстарите населби во Охрид но за жал оставена во заборав. – истакнува Васил.
За жал, посочениот, не е единствен руиниран објект кој претставува опасност по луѓето. Такви има повеќе во Охрид, како и во старото градско јадро. Најчесто проблем се нерешените имотно правни односи помеѓу наследниците, а на некои објекти не им се знаат ниту сопствениците. Како што е истакнато во повеќе наврати, општина Охрид во рамки на своите надлежности има обврска да ги евидентира таквите објекти и соодветно да реагира. Надлежниот инспекторат е должен да излезе на терен и да изготви записник, по што се доставува соодветно решение за постапување до сопствениците, но често проблем претставува тоа што тие не живеат тука или се непознати. Во тој случај градот треба да пристапи кон уривање на таквите објекти, но проблем претставува недостигот на средства за таа намена.
Г.М.