По Скопје, Битола, Прилеп, Струмица…, протести против полициската бруталност ќе се случат и во Охрид.  Движењето против полициска бруталност објави дека утре (петок) во Охрид ќе се одржи мирен протест, кој ќе започне кај споменикот на Светите Кирил и Методиј во 18 часот.

„По неделните настани, обелоденувањето на снимките на кои се потврдува скривањето на убиството на Мартин Нешковски од страна на власта, и протестот во Скопје, и Охрид се приклучува на протестите против полициската бруталност!“ стои во јавниот повик на социјалните мрежи. 

Овие протести започнаа пред три дена во Скопје по објавувањето на аудио записи од страна на опозицијата за односот на власта кон убиството на Мартин Нешковски во 2011 година.

Граѓаните бараат одговорност од носителите на јавни функции за овој настан, додека владата тврди дека биле преземени сите неопходни мерки и случајот бил професионално расчистен, а сторителот на делото, инаку припадник на специјалната полициска единица „Тигри“ е пронајден и осуден. Таа повторно објавените телефонски разговори, ги оквалификува како „монтирани и лепени“.

Протестите што започнаа пред влада во вторникот, вечерта ескалираа во судир помеѓу демонстрантите и полицијата во кој се повредени десетици полицајци и демонстранти, а повеќе лица се приведени. Власта но и одредени медиуми ја обвинија опозицијата за иницирање на протестите и ширење на насилство, додека граѓанските движења кои беа иницијатори на протестот и учесниците обвинија за несразмерна употреба на сила и пречекорување на овластувањата од страна на полицијата. 

OhridNews