Шеста година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска волонтерска акција Часот на планетата Земја, кога во сабота, во 20.30 часот по локално време, во период од еден час во мрак ќе потонат над 162 земји и 7000 града ширум светот.Македонија оваа година го руши минатогодишниот рекорд на исклучени локации, па така оваа година бројката надминува над 60 локации низ целата Република кои ќе го исклучат осветлувањето за Часот на планетата Земја.Централниот настан е закажан на улица Македонија, кога во 20.30 часот веднаш по исклучувањето на целосното осветлување, скопјани ќе бидат сведоци на неверојатен флеш моб перформанс со специјални светлечки ефекти, а настапот ќе биде поддржан од волонтерите на Црвениот крст кои ќе ја осветлат улица Македонија со свеќи.Освен оваа локација, во градот Скопје во мрак ќе потонат и порта Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Музејот на холокаустот, новиот објект на Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, мостот „Око“, Мостот на уметноста и плоштадот „Филип Втори“.

Во Охрид, пак, во мрак ќе потонат Самуиловите тврдини, црквата „Канео“ и споменикот на свети Кирил и Методиј.

OhridNews