– Согласно долгорочните заложби за заштита на сливното подрачје на Охридското Езеро од секакви еколошки нарушувања и загадувања кои можат да ја загрозат флората и фауната на најголемиот природен бисер во регионот не смее да се дозволи изградба на депонија во сливното подрачје на Охридското Езеро, се наведува во заедничката рекација на Е.Д. „Грашница“, СРК „Св. Апостол Петар“, Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца, Женскиот центар „Бисера“ и на Здружението на овоштари.
Екологистите посочуваат дека нивото на водата во езерото се одржува од подземните извори и реки кои се вливаат од македонскиот и албанскиот дел. Една од поголемите реки во сливот на Охридското Езеро е реката Сатеска, а нејзиното извориште е токму во Горна Дебрца, односно во близина на местото каде што се предвидува изградбата на регионалната депонија, предупредуваат екологистите. Тие апелираат до локалните самоуправи да изградат санитарна регионална депонија според европските критериуми, но надвор од сливното подрачје на Охридското Езеро.
Претходно против идејата за изградба на депонија во Дебрца се огласи и група интелектуалци со потекло од овој крај, а локалното население покрена петиција за заштита на еколошки чистата средина во Дебрца. По бројните реакции Министерството за животна средина соопшти дека во селото Арбиново, ниту на друга локација во општина Дебрца нема да се гради регионална депонија. Идејата за изградба на регионална депонија во Арбиново беше промовирана на средбата на градоначалниците од Југозападниот плански регион со министерот за животна средина Неџати Јакупи, која се одржа минатиот месец во Струга.