Неколки дена по излевањето во куќите и дворовите на улицата „Ариф Мустафа“ продолжија градежните работи за изградба на коритото на реката Грашница. На температура под нулата се бетонира, а работниците брзаат да ја завршат изградбата на коритото пред да дојдат нови врнежи кои би можеле повторно  да предизвикаат излевање на Грашница.


Изградбата на коритото на реката Грашница на потегот од бул. „Туристичка“ до крајот на улицата „Ариф Мустафа“ започна кон крајот на ноември, што се покажа како лоша проценка на надлежните институции, бидејќи обилните врнежи од дожд не само што предизвикаат прекин на работите, туку и излевање на нерегулираната река.


Во меѓувреме извршена е корекција на нивото на реката која сега е пренасочена во цевководот изграден минатата година за да се овозможи непречена изградба на коритото со што конечно треба да се решат проблемите на жителите од улицата „Ариф Мустафа“. Експертите посочуваат дека  со изградбата на корито на дел од течението на Грашница нема целосно да се реши проблемот со оваа река, која според нив треба да се пренасочи во Далјан, што и се предвидува со Генералниот урбанистички план. Единствен и сериозен проблем е немањето на финансиски средства за реализација на овој проект кој се проценува на околу 6,5 милиони евра.

OhridNews