Фармацевтската компанија Модерна потврди дека има доцнење во испораката на нејзината вакцина против Ковид-19 надвор од САД, со што се зголемуваат потешкотиите на државите што се обидуваат да ги забрзаат своите кампањи за вакцинација, јави ДПА.

Компанијата со седиште во Масачусетс соопшти дека обезбедила ревидирани упатства за краткорочна испорака додека работела на зголемување на производството во нејзината фабрика во Швајцарија.

Неколку европски земји објавија дека Модерна ќе ги намали испораките за 20 проценти во втората недела од февруари.

„Модерна“ штотуку не извести дека 132.000 дози од планираните 166 000 ќе бидат испорачани во неделата што започнува на 9 февруари, што е за 20 проценти помалку, изјави комесарот на италијанската влада Доменико Аркури.

Во изјавата, Модерна вели дека го зголемува производствениот капацитет, но се уште е во процес на обезбедување на набавките закажани за следните три месеци и исполнување на своите договорни обврски.

И АстраЗенека и Фајзер/БиоНТех најавија привремено намалување на испораките на нивните вакцини во земјите на ЕУ.

OhridNews