Реакциите на граѓаните во врска со неадекватното фрлање песок по коловозот на Булеварот „Туристичка“ што го врши ЈП „Македонија пат“, се умесни и оправдани, смета локалната самоуправа.

Градоначалникот Петрески во целост се согласува со укажувањата на граѓаните дека временските услови односно релативно високите температури за овој период не беа такви за да се попесочуваат коловозите. Исто така, за локалната самоуправа е несфатливо зошто „Македонија пат“, кога веќе решила да се расфла со песок, не го прави тоа со песок наменета за таков коловоз, стои во писмената реакција на одделението за односи со јавност при Општина Охрид.

Покрај сето тоа, зачудувачки е што надлежните во „Македонија пат“ таквите интервенции ги вршат без никаква консултација со надлежните служби на локалната самоуправа а посебно со општинското ЈП „Охридски Комуналец“ кое мора да презема дополнителни активности за да ја расчистува песокта што „Македонија пат“ ја посипувала по коловозите.

Имајки го предвид сето ова, надлежните во општината и ЈП „Охридски Комуналец“ ќе бараат од „Македонија пат“ во Охрид да престане со ваквата практика и во иднина попесочувањето да го врши во согласност со општинското ЈП, се вели во соопштението.

Ваквата реакција доаѓа по објавувањето на неколкуте реакции на граѓани кои се обратија до редакцијата на Ohridnews:

„Во последно време патувам често во Скопје и ја оштетив колата од крупен песок на патот. Имам забележано дека имало или немало потреба камионите на јавните претпријатија фрлаат песок како за бетонирање. Тоа го забележав и  завчера вечер. Во Охрид надвор 5 степени а камионот од Македонија пат помина два пати по Бул.Туристичка и фрлаше песок, па кога возите имате впечаток како да поминувате низ каменолом.

Како ќе се исчисти тоа од патиштата, дали ќе се затнат канализациите, дали ќе се оштетат возилата, ќе се кршат шпофершајбни, и кој ќе ги сноси трошоците, никого не го интересира“.

Александар Попоски

„Навистина сум изреволтиран. Засношти  температурата во градов беше 3 степени во 22.00 а службите на Македонија пат ја постелија цела „Туристичка“ со песок (односнао камења ), па ме интерсеира кој беше тој стручњак што наредил да се интервенира на улиците, а ниту најава дека ќе врне снег, ни дека ќе има ниски температури“

Климент

OHRIDNEWS