Узурпирани  површини, масивни платформи во езерото, бетонски ѕидови и друга цврста градба, се само дел од недостатоците воочени на плажите на охридско струшката ривиера кои Министерството за транспорт и врски ги издаде под концесија. Забелешки има и  локалната самоуправа, која укажува дека дел од  концесионерите  не го почитуваат работното време, а општинските инспекции немаат мандат да реагираат.

Плажите имаат работно време до 20-21 часот, но ние сме сведоци дека плажите во Охрид работат до 4 сабајле како диска и ноќни клубови. Треба ли да се случи нешто како во Струга, а знаеме многу добро дека можеше да се случи, па за да се реагира? – прашува градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

Реагира и Министерството за животна средина од каде предупредуваат на опасноста од нарушување на природниот баланс со употреба на несоодветни градежни материјали и поставување песок на плажите кој по состав не одговара на екосистемот.

–  Песокот со кој што се попесочуват плажите треба да има текстура, хемиски и микробиолошки состав кој одговара на екосистемот на Охридското Езеро. Службите од Министерството за животна средина утврдиле од каде може да се користи таков песок кој што нема  да наштети на екосистемот. Ако на тоа се додаде целокупната урбанистичка деградација која го напаѓа екосистемот, станува повеќе од јасно дека мора да се почитуваат еколошките норми затоа што немаме повеќе време за компомис кога е во прашање заштитата на Охридското Езеро, вели Дејан Паноски, од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Како што веќе информиравме, Министерството за транспорт  и врски, односно надлежната Комисија за давање на плажите под закуп, во текот на летната сезона извршила увид на сите плажи кои се дадени под концесија. На закупците на плажите каде биле  констатирани недостатоци им е даден  рок да ги отстранат истите, а деновиве ќе биде извршена контрола која треба да покаже колку од нив се придржувале до насоките  и упатствата кои се содржани во договорите за закуп.  Доколку се утврди дека не биле преземени потребните активности за нивно исполување, договорите ќе бидат раскинати и ќе се распишат  нови објави за давање под закуп на плажите, најави Министерството за транспорт и врски.

Г.М.