Поради несоодветната и застарена евиденција на туристи, која нема доволно капацитет да направи брза пресметка за вкупниот број на туристи што во одреден момент престојуваат во Охрид, охридските туристичките работници и оваа летна сезона се принудени да прават различни дневни калкулации и бројот на гости што престојуваат на Охридската ривиера најчесто го проценуваат „од око“.
Охриѓани сметаат дека тоа што ниту една од надлежните служби во Охрид не ја знае точната бројка на странски и домашни туристи во реално време, влијае лошо на имиџот на градот како туристички центар.
-Поради немање точен податок за вкупниот број туристи што престојуваат на Охридската ривиера со голем проблем се соочуваат новинарите, кои своите извештаи за туристичката сезона најчесто ги базираат врз паушални пресметки, па често формираат нереална слика за моменталната состојба во Охрид. Ваков случај имавме пред само неколку дена, кога дел од медиумите пренесоа информации дека во Охрид престојуваат само 600 домашни гости, што секако не беше точно. Автоматски овој податок беше една лоша реклама и тоа во екот на туристичката сезона, велат дел од охридските туристички работници.
Дека не може да се обезбеди точен податок за бројот на гости кои во моментов престојуваат во Охрид потврдија и од охридската Локална самоуправа.
-Единствена институција која поседува релевантни податоци за бројот на туристи домашни и странски и остварени ноќевања е Државниот завод за статистика. Општина Охрид како институција врши евиденција и располага со податоци од областа на туризмот кои предходно се обработени од страна на оваа институција. Во моментов општина Охрид располага со статистички податок за бројот на туристи и остварени ноќевања заклучно со месец мај, кои се обработени од страна на ДЗС, вели Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид.
Тој инфомираше дека општината веќе има подготвено софтвер за пријавување и евиденција на гостите но истиот сеуште не е ставен во функција.
-Софтверот има за цел да обезбеди мрежно поврзување на Локалната Самоуправа, МВР, Пазарната Инспекција, УЈП и Општинскиот инспекторат, со цел вмрежување на соодветните податоци за пријавени и евидентирани гости од страна на сместувачки капацитети, кои преку овој софтвер би можеле он-лајн да ги пријавуваат своите гости. Но при деталните контакти и анализи со претставници на МВР беше укажано дека за имплементација на овој проект се потребни одредени технички подобрувања на системот со што овој софтвер би можел да се стави во функција, а тоа е процес кој би можел да потрае и повеќе од една година, објасни Апостолов.
Во моментов сместувачките капацитети во Охрид туристите ги пријавуваат со доставување на пополнети картончиња до СВР Охрид, во кои ги наведуваат податоците за секој турист поедничено. Овие податоци потоа се евиденираат во книгите за евиденција на домашни и странски гости кои потоа се контролираат од страна на Туристичките инспектори при општина Охрид.
Наплатата на Таксата за привремен престој се врши согласно евидентираните туристи и остварениот број ноќевања од книгите за евиденција на гости. Туристичката инспекција редовно излегува на терен, врши контрола на книгите за евиденција на гости и доколку се утврдат неправилности во водењето на истите согласно Законот, давателите на угостителски услуги се опоменуваат и санкционираат.
Е.М