Трендот на намалување на цените на туристичките аранжмани во регионот за претстојната сезона продолжува. Последни тоа го направија хотелиерите во Грција кои нудат аранжмани со попуст од 10 до 30 проценти.

Во мај и јуни се нудат највисоки попусти и до 30 %, во септемви аранжманите се продаваат по намалени цени за 20%, додека во шпицот на сезоната во Грција ќе може да се летува поевтино за 15%.

Слични попусти има и во Црна Гора и Хрватска, како и во другите познати туристички дестинации. За разлика од нив македонските (охридските) хотелиери и угостители сметаат дека нема простор за намалување на цените на услугите. Тие чекаат владата да им го намали ДДВ-то за евентуално да ги корегираат цените на аранжманите, односно на храната. Се правдаат дека заработувачката во кратката сезона ионака е премногу мала што не допушта намалување на цените.

Експертите не можат да се изначудат на ваквата логика на хотелиерите и угостителите, кои, според нив, треба да покажат поголема инвентивност и флексибилност во време на економска криза и на туристите да им понудат поевтини и поатрактивни аранжмани, односно услуги. Според нив тие не треба да чекаат само на државата туку сами треба да покажат иницијатива како што тоа го направија сите нивни колеги од опкружувањето.

Ohridnews