Пропадна иницијативата за обновување на Охридскиот летен базар. До негово одржување нема да дојде и покрај желбата на организаторите да се обнови по три годишен прекин.

Спортската сала „Билјанини извори“ во соработка со Еуро бизнис центарот од Скопје имаше распишано оглас за пријавување на заинтересираните кој траеше до 24 јуни. На него се пријавиле само 20 учесници. Како што информираат организаторите, со толку мал интерес не се исплаќа да се одржи Базарот во Охрид.

Како основна причина за слабиот интерес, директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти и паркинг простор, Илче Каневчев, ја наведува фискализацијата, односно законската обврска, секоја тезга да биде фискализирана. Трговците се изјаснале дека не би оствариле значајна заработка на Базарот доколку треба да набават фискални каси и да ги покријат трошоците за баждарење .

Според првичниот план на организаторите, Охридскиот летен базар требаше да започне на 9 јули и да трае до 15 август.

OhridNews