Основачот и претседател на бордот на директори на информатичкиот гигант Microsoft, Бил Гејтс, повторно стана најбогат човек во светот, сменувајќи го на врвот мексиканскиот магнат Карлос Слим, објави во четвртокот навечер интернет страницата на магазинот Forbes. Минатиот петок истиот редослед на топ листата од најбогатите луѓе на планетата го објави и Bloomberg, пренесува „Макфакс“.
Во понеделникот, акциите на компанијата „America Movil“, во сопственост на Карлос Слим, загубија 0,24 отсто од вредноста, така што според процените на Forbes богатството на Мексиканецот од 82,7 милијарди американски долари паднало на 69,86 милијарди долари. Истовремено, акциите на Microsoft се пораснаа за 0,6 отсто, па така сопственоста на Бил Гејтс се зголемила за 88,4 милиони долари. Така, најбогатиот човек во светот на 20-ти мај 2013 година имал вредности во висина од 70 милијарди долари. Меѓутоа, неговото богатство не се должи само на Microsoft, бидејќи тоа има удал од само една четвртина во неговото богатство. Гејтс има многу инвестиции кои му носат добивки, вклучувајќи го и хотелскиот синџир Four Seasons hotels.
Без сомнение, богатството на Бил Гејтс ќе беше уште поголемо, доколку овој познат филантроп не донираше 28 милијарди долари во фондацијата којашто се бори за искоренување на сиромаштијата во земјите од ткн “трет свет“ што ја основаа со неговата сопруга и копретседателка на неговата фондација Мелинда Гејтс којашто претходно седмицава Forbes ја стави на третото место на листата најмоќни жени на светот зад германската канцеларка Ангела Меркел и бразилската претседателка Дилма Русеф.
Според податоците на Bloomberg, богатството на 57-годишниот Бил Гејтс минатиот четврток, 16-ти мај, се зголемило за 10 милијарди долари во тековната фискална година и изнесувало 72,7 милијарди американски долари, додека, пак, на 73-годишниот Карлос Слим е проценето на 71,2 милијарди долари, односно се намалило за 14 проценти од претходната година.
Двајцата мултимилијардери од поодамна се „натпреваруваат“ за првото место на листата на најбогатите луѓе. Бил Гејтс го држеше првото место од 1996 до 2007 година, како и во 2009 година. Во 2010 година, него го надмина Карлос Слим, во чија сопственост се мексиканската телекомуникациска компанија „America Movil“, холдингот „Grupo Carso“, како и голем број крупни компании во Мексико и во Латинска Америка.
Третото место на листата на Forbes му припадна на Амансио Ортега, основачот и поранешен претседател на групата Inditex, која е сопственик на текстилните брендови Zara, Massimo Dutti, Bershka, Oysho, Pull and Bear, Zara Home, Stradivarius и Uterque. Неговото богатство во март 2013 година е проценето на 57 милијарди американски долари.
извор:„Макфакс“