Во врска со изнесените меѓусебни обвинувања и ставови на пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Цветко Грзоданов и општинската комисија за јавни набавки, околу тендерот за изградба на тротоари на повеќе улици во градот, со соопштение се јави и групацијата СЈ СВИТ.

Во соопштението се оспорува објаснувањето на општинската комисија за јавни набавки дека посочениот тендер од страна на ВМРО ДПМНЕ,  не се однесува на веќе извршени работи. Групацијата СЈ СВИТ тврди дека во 2007 година, како најповолен понудувач  добила два тендери 17/07 18/07  за изработка на пешачки патеки во општина Охрид како најповолен понудувач. Според групацијата на тие тендери се опфатени одредени улици кои и на новиот тендер се предмет на повторна набавка. Групацијата тврди дека тоа е незаконски направено, поради што, како  што стои во соопштението, таа поднела кривична пријава против општинската комисија за јавни набавки. Групацијата тврди дека досега не добила ниту налог за работа, ниту објаснување зошто тоа не е направено.

ВМРО ДПМНЕ вчера ја обвини локалната самоуправа дека незаконски и нетранспарентно објавила тендер за реконструкција на тротоари на повеќе улици во градот вреден 2,5 милиони евра и побара случајот да го разгледа јавното обвинителство.

Ваквите обвинувања според градоначалникот Петрески, кој деновиве е службенио отсутен,  се  политички инспирирани и неточни.   Градоначалникот тврди дека целата тендерска процедура е спроведена   законски и транспарентно и дека ова е уште еден обид на ВМРО ДПМНЕ да се опструира работата на општината. Обвинувањата како неосновани го оцени и Комисијата за јавни набавки, според која целокупната тендерска процудара во општината е спроведена согласно Законот за јавни набавки.

Ohridnews