Со изградбата на социјални станови што треба да започне во текот на идната година, во голема мера ќе се реши и станбеното прашање на младите кои се без родители и се израснати во детските домови и дом-семејствата.

Министерството за транспорт и врски ни  даде позитивен одговор каде што е предвидена изградба на 20 објекти со вкупно  1045 социјални станови кои ќе се градат  во повеќе градови на територијата на Република Македонија. Во Охрид е предвидено да се изгради еден објект со вкупно 71 станови, вели претседателот на Здружението на деца без родители „Иднина“, Илија Јовановиќ.

Распределба на становите  како и условите за користење ќе бидат одредени со  посебна одлука на Владата, а заинтересираните можат да достават писмено барање до Комисијата за станбени прашања при Владата.

Здружението „Иднина“ е формирано пред 5 години со единствена цел да им помага на децата без родители како една од социјално најзагрозените категории граѓани во државава.

Нашите проекти се насочени кон обезбедување на неопходната помош за децата без родители кои по навршувањето на полнолетството се оставени сами на себе, без работа, без покрив над главата и без елементарни средства и услови за егзистенција, вели Јовановиќ.

А.Р.