Американскиот актер Џим Парсонс, ѕвездата на хит серијата „Бубалици“ доби ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд. Парсонс, кој се прослави со улогата на генијалниот физичар Шелдон Купер во серијата, на свеченоста се појавил во друштво на колегите Кајли Куоко-Свитинг и Џон Галеки. Како што пренесуваат американските медиуми, актерот рекол дека имал среќа да го игра тој неверојатен лик и му одал признание на авторот Чак Лор и на актерската екипа на серијата, една од најуспешните серии во последниве неколку години во САД.
Парсонс за улогата на лудиот математичар, љубител на маици со апликации на суперхерои, видео игри и стрипови, освоил Златен глобус и четири Еми награди. Благодарение на популарноста на серијата, која има милиони фанови ширум светот, Парсонс и останатите главни актери во август минатата година успеале од продуцентите да добијат нови договори кои им гарантираат милионски хонорари.