Дебелината претставува глобален предизвик кој ги погодува сите слоеви на општеството, без разлика на полот, возраста, социјалниот статус или населеното место. Во Северна Македонија, како и ширум светот, се соочуваме со сè поголеми стапки на дебелина, велат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Нашите податоци покажуваат дека 30,4% од децата на возраст 6-9 години живеат со вишок на килограми. Од нив, 13,8% живеат со дебелина, а 4,4% со екстремна дебелина. Меѓутоа, досегашните напори, кои главно беа насочени кон поединците, веќе не се доволни. На Светскиот ден на дебелината 2025 година, време е да се обединиме за промена системите кои ја поддржуваат оваа здравствена криза. Време да ја поразиме т.н. „обезогена средина“, посочуваат.
Дебелината, велат, не е само проблем за поединците, таа е последица на неуспешни системи во различни области: системи за храна, урбано планирање, пазарот на труд, економијата и здравствените системи.
Проблемот со дебелината не произлегува само од лоши избори, туку и од системи кои ја поттикнуваат нездравата исхрана, слабата физичка активност и неадекватната здравствена грижа. Во Северна Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати со промените во економијата, зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на храна богата со шеќер, сол, заситени и транс масти, промените во животниот стил на населението во насока на потрошувачко општество и ниски нивоа на физичка активност. Ги повикуваме сите чинители да се фокусираат на промената на системите кои ја создаваат оваа криза. Потребно е да се преиспитаат регулативите во системите за храна, здравствените политики и општествените услови кои влијаат на нашите секојдневни навики, велат од ИЈЗ.
OhridNews