Клубот на млади при Црвениот Крст од Охрид, викендов, ја покажа својата креативност преку одбележување на неделата на промоција на хумани вредности со читање поезија, како и со оддавање посебна почит на голем број автори од различна националност кои пишувале и се уште пишуваат за Охрид. Настанот беше дел од Недела на хумани вредности која се одбележа од 21-27ми септември.
Со стихови од Петре М. Андреевски започна програмата на ова случување во неформална атмосфера и со голема љубов кон пишаниот збор. Славица Илиќ, волонтер во Црвениот крст Охрид со српско потекло, читаше стихови од српски автори кои пишувале за Охрид. Десанка Максимовиќ, Анѓелко Крстиќ кој е роден во с.Лабуништа, а студирал во Белград, се само дел од авторите кои црпеле инспирација од градот на светлината, древниот Охрид.
На турски и на македонски јазик беше прочитана песната „Човек “од стихозбирката на Омер Хобол, кој работи како имам во Хаџи Дургут џамијата во Охрид. Исто така беа прочитани и стихови од песната „ Дожд “на албански јазик од стихозбирката „Проѕирна солза“ на авторката Доронтина Даути.
Пред неколку години група младинци вклучени во ПХВ програмата, му помогнале и на Куртиш Демироски да ја издаде својата стихозбирка. Демироски е Египќанец кој живее во Охрид со талент за пишување поезија.
Охрид бил инспирација и на голем број други поети за чии стихови да се прочитаат малку би била и цела поетска недела. Тука може да се спомнат врвните имињa во литературата : Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Иван Точко, Видое Видичевски, Симон Дракул, Димитар Митрев, Рајко Жинзифов, Славе Банар, Коста Абраш, Бошко Смаќоски, Славе Ѓорго Димоски и многу други.
На самиот крај беше истакнато дека преку поезијата се потврдува почитта на разновидноста на културите и толеранцијата, дијалогот и соработката, довербата и разбирањето, кои пак се најдобри гаранции на мирот и соживотот. Настанот беше заокружен со читање лични творби на волонтерите кои го организираа овој настан меѓу кои Марија Танеска, Ева Новеска, Софија Сионова, Афродита Адамова, Омер Хобол и други.
Љупчо Милкоски, волонтер во ООЦК Охрид и воедно инструктор на ЦКА- ПХВ програмата, вклучен во неа уште од самиот нејзин почеток пред 17 години е поет кој делува локално, а размислува глобално. Беа прочитани извадоци од неговата стихозбирка „Охридска светлина“. Милкоски за OhridNews откри како започна целата идеја околу ЦКА- ПХВ програмата ( Црвен крст во акција- промоција на хумани вредности).
– Оваа програма почна во 90-тите години, а како хуманитарен глас го слушнавме од Норвежаните. Во Македонија се имплементираше некаде во 97’мата, а Охрид беше вклучен во програмата уште од самите почетоци. Главната замисла е активирање на младите и стимулирање да предложуваат нивни идејни решенија за проекти со кои ќе ја докажат хуманоста на дело. Се работи за Национална програма на Црвен крст на РМ во која младите од 14-18 години учат за културата како систем на вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно општество, а притоа се поттикнати да бидат активни и да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата. – рече Милкоски.
Како што изјавија од Црвениот крст, оваа година во Охрид биле обучени 30 младинци кои изработиле 7 проекти и директно помогнале на 30 наши сограѓани. Некои од тие активности на терен сe: обезбедување покуќнина за семејство, дружење и помагање во учењето на помалите, славење роденден на една осамена бабичка, креирање на библиотека во детското одделение, обезбедување инвалидска количка итн.
Ивана Чичоска