По повод празниците Света Петка и Свети Климент Охридски, нашите иселеници, членовите на семејството Џикови кои живеат во Австралија, денес, организираа ручек за лицата згрижени во Одделението за геријатрија при Општата болница во Охрид. Блаже и Данче Џикови, нивните двајца синови со сопругите се членови на  охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ со седиште во Мелбурн – Австралија, кое години наназад донира и го помага ова одделение.

Уште минатата година ветив дека ќе донирам ручек за лицата кои се овде згрижени. Друштвото „ Св. Наум Охридски“ ќе продолжи со помошта. Кон крајот на месец септември ќе испратиме донација за охридскиот Црвен крст, детското одделение и секако за геријатриското одделение, објаснува Блаже Џиков.

Здружението деновиве донира и дигитални апарати за мерење на крвен притисок, топломери, како и 44 работни униформи за вработените во Геријатрија.

Во ноември предвидено е да организираме уште една донација за Одделението за геријатрија. Секаде каде е потребна нашата помош донираме заедно со останатите членови на друштвото кое брои над 300 членови, македонци кои живеат во повеќе градови во Австралија.  Сите сме сплотени во едно, без разлика во кои градови живееме и помагаме секогаш кога можеме, вели сопругата Данче Џикова.

Во име на вработените во геријатриското одделение се заблагодари Лазар Стојчески кој нагласи дека помошта и донациите од друштвото „ Св. Наум Охридски“ се секогаш добредојдени и од голема корист за одделението.

Нашите иселеници и претходно реализираа бројни донации за ова одделение. Соработката продолжува, се најавува и помош за изградба на нови простории во Одделението за геријатрија, како и акции за помош на социјално загрозените лица во Охрид.

Неодамна, на охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ , од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов му беше доделена Повелба на Република Македонија, признание кое се доделува за особени заслуги и за достигнувања на организациите во насока на зачувување и на афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности, како и за придонес кон унапредување на пријателските односи и соработката со повеќе држави во светот.

Т.Кувенџиска