Компанијата “АСП Пак” и Лајонс клубот „Лихнидос“ во заедничка хуманитарна акција набавија и монтираа над 200 нови светилки и помошен материјал, со што целосно е сменето старото и дотраено осветлување во градинката “Росица”.
“Активностите траеја пет дена и со стручна помош и здружени сили ги опфативме главниот хол, кујната, ходниците, тоалетите и сите осум училници. Им благодариме на вработените во градинката за трпеливоста и несебичната помош. Многу радува фактот што од денес најмалите охриѓанчиња во градинката во населбата Лескајца ќе играат и ќе се едуцираат под ново, економично и потполно безбедно светло.” – истакнаа носителите на иницијативата.
Инаку, минатата година во два наврати клубот „Лихнидос“ презеде активности за осветлување и опремување на училниците во градинката “Развигорче”. Членовите на клубот се надеваат на нови иницијативи во блиска иднина, со кои ќе бидат опфатени и другите градинки во Охрид.
OhridNews