Благодарение на хумани граѓани и проектот „Топол дом“ на Центарот за социјални работи, семејството Јанкулоски чиј дом целосно изгоре во големиот пожар што се случи на 12-ти август во станбена зграда на булеварот „Туристичка“ ја доби првата помош во покуќнина. 

-Согледувајќи ја потребата на ова семејство, хумани граѓани од Охрид се пријавија да донираат мебел, кој денеска го предадовме. Ова семејство има потреба и од други средства и ќе направиме напори да им помогнеме. Упатувам повик и до локалната заедница и бизнисмените да помогнат во санирање на штетите од пожарот и набавка на неопходните средства за живот на семејставото Јанкулоски, изјави директорот на центарот за јавно здравје Екрем Каљоши.

Киро Јанкулоски, чиј дом целосно изгоре во неодамнешниот пожар упати благодарност до хуманите граѓани и институциите за помошта.

-Моментално сме се уште вознемирени. Никој не очекуваше нешто такво, секому може да се случи но најважно е во вакви случаи да останеме свесни затоа што животот продолжува. Најнеопходно сега ни е да се среди електричната енергија за што сме во контакт со ЕВН чии екипи ги очекуваме денеска, ни треба печка за греење, телевизор, прозорците и вратите исто така ни се целосно уништени.-рече Јанкулоски.

Помош за семејството Јанкулоски најави и локалната самоуправа.

Инаку проектот „Тoпол дом“ заеднички го реализираат Центарот за јавно здравје, Црвениот крст и локалната самоуправа. До сега во Охрид се реализирани голем број акции во кои хумани граѓани донирале помош за сограѓани на кои таа им е неопходна.

 

Денешната акција од овој проект веројатно ќе биде поттик за хуманите граѓани да им помогнат на сограѓаните во неволја, со забелешка дека превозното средство со кое пристигна донацијата, а кое го обезбедуваат градските служби, не ги исполнува минималните хигиенски стандарди. Оттаму надлежните институции мора да изнајдат посоодветен транспорт.

OhridNews