Хуманитарни пакети за сто и дваесет социјално најзагрозени семејства од Охрид обезбеди општинската организација на Црвениот крст од Охрид. Во акцикјата што беше спроведена во рамки на Неделата на борба против гладта од продажба на вредносни бонови од по 20 денари и донација на фирми биле собрани средства за помош на 500 наши сограѓани кои живаат на раб на егзистенција, информираше претседателот на Црвениот Крст-Охрид, Сашо Точко.
За овие лица биле обезбедени хуманитарни пакети со основни прехрамбени производи во количини пропишани со светските норми, а на нив им биле понудени уште и ќебиња и топла зимска облека.Точко информираше дека Црвениот крст во зависност од можностите и средствата и натаму ќе продолжи да организира вакви хуманитарни акции.
За разлика од оваа, акцијата за организрање бесплатна вакцинација против грип за социјално најзагрозени лица не се реализира . Како што ни изјави Точко општината Охрид оваа година не се одзвала на апелот за покривање на трошоците за вакцинација на педесетина граѓани. За разлика од охридската, општина Дебрца обезбедила средства со кои бесплатно биле вакцинирани 13 социјално загрозени лица.
Инаку Црвениот крст денеска ја најави кампањата против зависностите. Фокусот на кампањата што почнува со интерактивна едукативна работилница утре вечер во 19 ч. во големата сала на општината ќе биде ставен на најмладите и улогата на родителите во превенција на болестите на зависност.
Г. Момироски