Црвен крст Охрид традиционално ја организира кампањата за „Ден на борба против глад“ под мотото „ПОМИСЛЕТЕ И НА НАС“ со цел поттикнување на граѓаните, компании, фирми, итн. активно да учествуваат во оваа хуманитарна акција.

Оваа година Меѓународниот ден на борба против гладта 16 Октомври и Неделата на борба против гладта (16- 22 oктомври) ќе го одбележиме со активности насочени кон прибирање на доброволни прилози во прехрамбени производи и парични средства од хуманите наши сограѓани и општествено одговорните компании, наменети за набавка и подготовка на хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца, велат од организацијата.

Во текот на Неделата на борба против гладта од 16-22 oктомври, потенцираат, во повеќе градски маркети ќе бидат поставени пунктови на Црвен крст Охрид со видно обележени корпи во кои хуманите сограѓани ќе можат да ставаат-донираат прехрамбени производи.

Од донираните средства и собраните намирници во кампањата ќе се подготват хуманитарни пакети со прехрамбени производи, кои ќе бидат дистрибуирани до крајните корисници. Упатуваме апел до нашите сограѓани, компании, фирми, институции, да се вклучат во хуманитарната собирна акција на Црвен крст Охрид и според своите можности дадат придонес во олеснувањето на секојдневието на социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца, додаваат од Црвен крст Охрид.

OhridNews