Под мотото „Истражи го Охрид“ тимот на млади од охридскиот Црвен крст во соработка со Извидничкиот одред „Пионер“ од Охрид, денеска ќе реализираат хуманитарен натпревар за ориентација во урбана средина, со назив „КОМПАС“.

-Учесници на овој натпревар се ученици од сите основни училишта во Охрид, кои организирани во екипи од по шест ученици, ќе се натпреваруваат во брзина и вештина на поминување на 18 пунктови низ градот Охрид кои ќе бидат лоцирани на атрактивни знаменитости или во важни институции. На секој пункт натпреварувачите ќе бидат дочекани од волонтер на Црвен крст Охрид и Извидничкиот одред „Пионер“, каде ќе им биде поставена загатка која ја крие следната дестинација-пункт каде треба да се упати екипата. Екипата која за најкратко време ќе ги помине сите 18 пунктови и ќе стигне на целта на Градскиот плоштад „Св.Климент Охридски“ ќе биде прогласена за победник и од организаторите ќе добие награда, информираат од охридскиот Црвен крст.

Оттаму додаваат дека на овој начин, преку игра и забава младите ги запознаваат знаменитостите на Охрид и ја покажуваат својата хуманост и солидарност преку партиципација од 50 денари за учество на овој натпревар.

Собраните средства од оваа активност ќе бидат наменати за помош  на семејството Рамадан од Охрид, за набавка на основни средства за потребите на нивниот син Омер.

Хуманитарниот натпревар „КОМПАС“ ќе започне во о 9 часот на Градскиот плоштад во Охрид, а прогласувањето на победникот ќе биде околу 13 часот на истото место.

OhridNews