Во рамките на активностите од социјално-хуманитарната сфера, младите на Црвен крст Охрид реализираат ПХВ проекти (промоција на хумани вредности-Црвен крст во акција) со цел помош на ранливи категории на луѓе. Еден од проектите беше и хуманитарниот концерт кој се одржа на летната сцена на Долни Сарај во саботата. Околу 300 претежно млади посетители, љубители на underground сцената, имаа можност да се запознаат со новите музички остварувања на групите од Охрид Hardfaced, Fade to black и Blackout, како и групата 3D од Кавадарци.
од концертот на Долни Сарај
Концертот помина во одлична атмосфера, и со нескриено задоволство и амбиција на младите за понатамошно организирање на слични музички настани. Дел од средствата од продадните билети се наменети за помош и подршка на млади музички таленти. На влезот на посетителите, од страна на активистите на Црвен крст Охрид им беа делени едукативни брошури за болестите на зависност и ХИВ/СИДА.
младите ем хумани ем се забавуваа
Активностите на младите на Црвен крст Охрид продолжуваат и следниот викенд. Црвен крст Охрид во соработка со пекарите на територијата на Охрид и Дебарца ќе реализира хуманитарна акција под мотото „ДОРУЧКУВАЈТЕ СО НАС – РАЗБИЈТЕ ЈА ТИШИНАТА – ПОДАРЕТЕ СВЕТЛИНА” која ќе вклучува јавна продажба на пекарски производи.
Средствата собрани од оваа акција ќе бидат наменети за набавка на помагала за глуви, наглуви и слепи деца од Здружението на глуви и наглуви и Здружението на слепи лица од Охрид и Дебарца. Акцијата ќе се изведува на 14.04.2007 (сабота) од 09:00 до :13:00 ч. на платото кај Чинарот, околу градската фонтана, каде ќе бидат поставени штандови и изложени на продажба производи на дваесеттина пекари.
Г. М.