Стотина дечиња и млади, фолклористи и други познати и помалку познати естрадни уметници од Охрид настапија на хуманитрарниот концерт што синоќа се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“, за помош на седум и пол годишниот Дејан Анѓелески кој боледува од ретка генетска болест.


Настапот на локалните уметници на концертот кој го организираше невладината организација „Рибари“ со поддршка на Центарот за култура, локалната самоуправа и други институции и помагатели, го проследија голем број хумани охриѓани кои со купување билети и донации помогнаа да се соберат неопходните средства за лекување на малиот Дејан.




-Изразувам голема благодарност до сите што дојдоа и го поддржаа овој хуманитарен концерт посветен на Дејан кој влече охридски корени по мајка. Знам дека во овие тешки времиња на секого му е тешко да издвои 100 денари, но луѓето од Охрид покажаа дека хуманоста им е во преден план и многу им благодарам за тоа, изјави за Ohridnews, Влатко Анѓелески -татко на Дејан.


Годишно за лекување на Дејан се потребни 80.000 евра, средства кои неговото семејство не може само да ги обезбеди. Државата засега ја нема ставено скапата терапија на позитивната листа, поради што родитлите на Дејан се принудени на разни начини да се снаоѓаат за да ги купат неопходните инјекции без кои не може да се избегнат животозагрозувачките напади кои ги предизвикува тешката болест.


Благодарен на охриѓани – таткото на Дејан

-Доколку надлежните институции, пред се Министерството и фондот за здравство не донесат поинаква одлука, ќе продолжиме со хуманитарни концерти, има најави од познати естрадни уметници од цела држава кои се понудија да помогнат, истакна таткото на Дејан. Тој се надева дека министерот за здравство кој неодамна кажа дека лековите за Дејан се прескапи за државата, ќе го промени мислењето и дека институциите ќе помогнат трајно да се реши лекувањето на детето.


На апелот за помош на родителите на Дејан се одзваа градоначалникот на Охрид, градските советници, пратеници,  јавни личности, медиуми, невладини организации, компании и голем број хумани сограѓани, кои во рамки на своите можности донираа сопствени средства и помагаат да се спаси еден детски живот.