Претседателот на Венецуела, Хуго Чавез, неодамна на една радио емисија изјавил дека видеоигрите се отров кој ги учи луѓето да убиваат. Контраверзниот претседател секоја седмица има сопствена радио емисија во која држи говори за се и сешто, а неодамна внимание им посветил и на видеоигрите. Претходно, наводно неговиот лик бил намонтиран во една видеоигра, во која играчите требало да го пронајдат и убијат.
Чавез бил посебно остар кон видеоигрите во кои се бомбардираат градови, обвинувајќи ги капиталистичките земји дека ги изработуваат за да можат подобро да го продаваат своето оружје. Додал и дека игрите промовираат пушење, дрога и алкохол од истата причина. Ова не е прв пат тој да се осврнал кон негативните страни на видеоигрите. Парламентот на Венецуела изгласал закон со кој се забранува продажба на видеоигри кои имаат неедукативна содржина.