Охридските ракометари, забележаа нова победа во Супер лигата совладувајќи го битолски Пелистер со 28-20 (13-11) во 12-та рунда од македонската ракометна елита. Со шестиот триумф во исто толку одиграни мечеви на домашен терен, „гладијаторите“ се искачија на врвот од суперлигашката табела и таму најмалку ќе останат до среда, кога Металург го игра мечот со Пролет.

Избраниците на Раде Стојановиќ маестрално го започнаа натпреварот во двата правци. Во првите пет минути постигнаа три погодоци а не примија ниту еден за почетна предност од 3-0. Во такво темпо продолжија и понатаму и стигнаа до најголемо водство од пет голови 9-4.

Високата позитива ги опушти охриѓани, а „зелено белите“ со серија од 4-0 стигнаа до минус еден (9-8) и ја вратија неизвесноста во мечот. „Гладијаторите“ се консолидираа, заиграа како што треба и на одмор заминаа со плус два (13-11) и сериозна опомена од Пелистер.

Советите во соблекувалните вродија со плод и после десет минути игра Охрид ја врати предноста од пет голови поведувајќи со 18-13. Охрид во второто полувреме не ги повтори грешките од првото и во следните десет минути го реши натпреварот кога на семафорот стоеше 22-15.

Во завршните десет митнути шанса добија сите ракометари во тимот на Охрид и мечот го спроведоа во рутинска завршница и нова победа 28-20.

Најпрецизен во составот на Охрид беше Бобан Блажески кој постигна 8 голови, а потоа следуваа Филип Кривокапиќ и Денис Тот со четири погодоци. Кај Пелистер најефикасен беше Стефан Талески со 6 голови.

Во следната рунда Охрид гостува кај тимот на Радовиш.

Мх.П.
Фото: А. Момироска