Економските односи не може да се продлабочат без соодветна инфраструктура, пред се директни авионски линии Охрид- Загреб и Охрид- Дубровник, е заедничкиот заклучок на хрватските  и охридските стопанственици.

Добро е што Охрид има аеродром и ние како стопанственици ќе лобираме за отворање редовни авио- линии два пати во неделата. Секако дека за да се реализира идејата потребно е да се создадат услови. Интерес од наша страна постои и за тоа ќе ја информираме и хрватската национална авио- компанија и ќе се залагаме ваквата идеја што поскоро да се реализира, потенцираа хрватските стопанственици кои го посетија Охрид.

Воспоставувањето на редовни авио- линии помеѓу Охрид и хрватските градови, го подржуваат и градоначалникот Александар Петрески и амбасадорот на Република Хрватска во Македонија, Иван Кујунџиќ.

Имам сознанија дека хрватската авио- компанија размислува за воспоставување на редовни линии до Охрид. На потег се и туристичките агенции кои би ја подржале идејата и верувам дека големиот интерес ќе придонесе за што поскоро нејзино реализирање, рече Кујунџиќ.

Доколку постои директен лет Охрид- Дубровник поголемиот број гости кои го посетуваат познатото хрватско туристичко место, својот престој би го продолжиле во Охрид или барем би го посетиле за викенд, смета хрватскиот амбасадор.

Охридскиот градоначалник во повеќе наврати има потенцирано дека за воспоставување на редовните авио- линии до Охрид неопходни се субвенции од страна на државата во висина од 500. 000 евра годишно. За жал, вели Петрески, македонската влада досега не покажува интерес да издвои средства од државниот буџет за оваа намена. 

Т. К.