На нешто повеќе од 48 часа до почетокот на квалификацискиот натпревар, Македонија – Хрватска од Е групата за пласман на Европското првенство, полека се вжештува атмосферата во двата табора.
Македонскиот тим без Горан Пандев, ќе игра за престиж, за себе и армијата навивачи. Хрватите со сите сили ќе се обидат уште во Скопје да ги визираат пасошите за Еуро 2008.
Македонските репрезентативци продолжуваат со тренинзите во Скопје. Катанец очекува наскоро да го има комплетниот тим на располагање, вклучувајќи го и Ванчо Трајанов, кој се жалеше на мала повреда и не тренираше вчера.
Во меѓувреме претседателот на ФФМ, Хаџиристески, во изјава за бугарските медиуми, потврдил дека му доставил понуда на Катанец да остане на кормилото на нашата фудбалска репрезентација и за квалификациите за СП 2010 година. Катанец засега не ја прифатил понудата, но истата ниту ја одбил.
Хрватите подготовките ги обавуваат во традиционалната база во Чатеж, на тренинзите се приклучи и напаѓачот на Борусија Дортмунд Младен Петриќ, кој неколку дена паузираше поради полесен потрес на мозокот. Петриќ заедно со Да Силва треба да биде ударната игла во Хрватскиот напад.
Според селкторот Билиќ ова е историски натпревар за Хрватска, тој најави дека за стартната формација во Скопје конкурираат 14 фудбалери.
Во меѓувреме Хрватското министерство за внатрешни работи,поучено од неодамешните инциденти во Бјело Поље, од македонските колеги побара, навивачите на вечните Хрватски ривали Динамо и Хајдук да бидат разделени на трибините на „Градски“ во Скопје.
Македонското МВР позитивно одговорило на ваквото барање на хрватските колеги. Евентуалните нереди на хрватските навивачи на последните две квалификациски средби би можеле да ја елиминираат репрезентацијата од евентуалното учество на Европското првенство. Првичните проценки говорат дека Хрватска во Скопје ќе има подршка од околу три илјади навивачи.
Фудбалската неизвесност која ја носат саботните натпреварите од Е квалификациската група може да донесе до промена на терминот за одигрување на средбите Македонија – Хрватска и Израел – Русија. Се претпоставува дека УЕФА, заради регуларноста на натпреварите може да наложи двете средби во Скопје и Тел Авив да започнат во 20 часот и 45 минути. Доколку до ова не дојде, Македонија и Хрватска дуелот ќе го започнат во 20 часот, додека еден час порано ќе започнат Израел и Русија.
Ненад Цветанов