Во критика објавена во дневниот весник Вечерњи лист, романот на Саздова е оценет како врвно дело кое „за жал нема да биде холивудски хит во кој ќе глуми Џулија Робертс, што е неверојатна штета бидејќи романот е многу подобар од светски познатите патeписи како Јади, моли се, уживај.“ Понатаму, критичарот додава „тоа е проклетството на малите јазици, малите земји и малите книжевности, нивната ненаметливост, затоа што во нив не постојат американизираните заплети и замислени трагедии, туку говорат на јазик близок за нас. Главната хероина во романот на Саздова патува во Индија, во ашрамот на својот учител, за да се соочи со својот живот, и секако не е во потрага по нова љубов. Тоа не е целта, а не ниту е и патувањето и барањето спас во ашрамот, туку моментот што секој од нас го очекува – моментот кога мора да повлечеме црта на својот живот и да се соочиме со своето минато.“
Дека „Последниот чај“ е роман кој неспорно ги заслужува критиките и вниманието што го доби од балканските издавачи и јавност, го потврдува и бугарскиот издавач БАРД, кој го најавува романот на Саздова како балканска книжевна сензација и ја покани да биде специјален гостин на штандот на БАРД на претстојниот саем на книга што ќе се одржи во Софија на почетокот на декември. Објавувањето на бугарското издание е закажано за 28 ноември, а очекувањата и на издавачот, како и на македонскиот издавач чиј главен уредник е Саздова, ТРИ, се големи.