Српскиот претседател Александар Вучиќ планирал денеска приватно да ги посети Јасеновац и Пакрац, но хрватските власти нема да му дозволат да влезе во земјата, пишува Јутарњи лист повикувајќи се на извори блиски до хрватската влада, јави дописникот на МИА од Белград.

Премиерката Ана Брнабиќ одлуката на хрватската Влада да му забрани на српскиот претседател приватна посета на поранешниот концентрационен логор од Втората светска војна Јасеновац, ја оцени како скандал од прва класа кој се случил во современата историја на односите меѓу Србија и Хрватска.

Тоа е исто како да му забраните на претседателот на Израел да го посети Аушвиц. Тоа е антиевропска и антицивилизациска одлука и брутално газење на слободата на движење. Да не анализираме колку тоа кажува за непочитувањето на српските жртви, изјави Брнабиќ во гостувањето на ТВ Пинк.

Министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, најави дека од денеска сите функционери на хрватската држава, сите носители на службени или дипломатски пасоши ќе треба посебно да ја најават и објаснат својата посета или минување низ Србија и ќе бидат ставени под посебен контролен режим.

Како што е најавено, Вучиќ за ова ќе зборува утре по консултациите во врска со новата влада, а министерот за надворешни работи, Никола Селаковиќ најави итна прес-конференција.

Како што пишува денеска Јутарњи лист, повикувајќи се на извори од хрватската влада, Вучиќ без официјална најава од хрватските власти и без координација со амбасадата сакал да ја премине границата од Босна и Херцеговина, односно нејзиниот ентитет Република Српска и околу 11 часот да пристигне во Јасеновац, а потоа околу 14 часот и во Пакрац.

Од хрватската влада неофицијално изјавиле дека Вучиќ не почитувал никаков протокол, дека сакал се да направи надвор од процедурите и правилата на дипломатските односи и дека „со своите ТВ екипи“ сакал да ја премине хрватската граница и таму „да прави што сака“.

Меѓутоа, според Јутарњи лист, властите во Загреб јасно му рекле „не“ и му порачале дека идејата за „српски свет“ во Хрватска нема да помине.

Министерството за надворешни работи на Србија, поради забраната на српскиот претседател Александар Вучиќ да го посети приватно Јасеновац, испрати нота до хрватската амбасада во Белград.

OhridNews