Кoга за нешто повеќе од пет месеци, Хрватска ќе стане членка на Европската унија, ќе треба да се смени режимот за поминување на границата, за граѓаните од нејзиното соседство, Србија, БиХ и Црна Гора, но и за граѓаните од Македонија, пренесува „Макфакс“.

Како што пишува „Анадолија“, од Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска им признале дека работите ќе се сменат.

Неделава, Хрватска ја стави вон сила билатералната спогодба на поранешна Југославија и Турција, па воведе визи за турските државјани од 1 април годинава.

Од министерството објаснуваат дека со Уредба е озаконето државјаните на Србија, БиХ и Црна Гора да можат да влегуваат во Хрватска без визи.

„Освен кога се работи за иматели на небиометриски пасоши….Хрватска ќе мора да го усклади системот и во тој поглед. Во останатите случаи, како и до сега, државјаните на Србија, БиХ, Црна Гора ќе влегуваат во Хрватска врз основа на биометрискиот пасош. Истото важи и за државјаните на Македонија“, велат од министерството за Анадолија.

Најтешко ќе им биде на граѓаните на БиХ, која има повеќе од 1.000 км граница со Хрватска и кои во државата влегуваа со лична карта.

Во таа земја живеат многу граѓани кои имаат двојно државјанство, босанско и хрватско.

OhridNews
извор:„Макфакс“