Биењето на камбаните во храмовите на Македонската православна црква, точно на полноќ, ја најавија радосната вест за воскресението Христово.

Празнични богослужби вечерва имаше во сите храмови на Македонската православна црква во Охрид кои масовно беа исполнети со верници.

Пред верниците беше прочитано Велигденското послание на Поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан, во кое тој повикува на мир, љубов, толеранција и чување на верата.

Чудесната вест, објавена од ангелот во тишината на празниот гроб, дека Христос воскреснал, до денешен ден допира до сето создание и постојано донесува нова радост и нови надежи. А Бог, како бесконечен и совршен, немаше потреба од Воплотувањето. Победата над смртта со смрт, Тој не ја извојувал заради Себе, туку за да им дарува живот на оние во гробовите и да ги ослободи заробените од смртта. Па, Господ Христос ја поднесе жртвата не за Себеси, туку за нас да нè украси со венецот на победата и на животот! – се вели во празничното послание честитка на Архиепископот Стефан.

Поглаварот на МПЦ ОА во Велигденското послание не ги заборави жртвите од страотната несреќа во Кочани.

Нема воскресение без распетие, како што нема ниту вистинска радост на која не ѝ претходеле горчливи солзи. Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега. Имено, во текот на овогодишниот предвелигденски период пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени во страшниот пожар во Кочани. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. Затоа годинашнава велигденска светлина ја очекувавме и ја дочекуваме со уште поголема духовна усрдност.

И во овој миг да се потсетиме и на оние коишто го жртвуваа и сопствениот живот, за да спасат што повеќе други животи. Во нив силно заблеска евангелската порака за љубовта кон ближните, упатена од воскреснатиот Господ: Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи некој својата душа за своите пријатели, се истакнува во Велигденското послание на Г.Г. Стефан.

Велигден се слави три дена. Оваа година Христовото воскресение на ист датум го одбележуваат православните и католичките верници.

Г.М.
Фото: А. Момироска