Православните христијани денеска го слават Христовото раѓање – Божик, еден од најрадосните празници.
По повод големиот христијански празник Рождество христово богослужби се одржуваат во сите парохиски цркви.
Денес го празнуваме Рождеството на Синот Божји. Но од секого од нас зависи дали Тој ќе се роди и во нас, дали ќе се всели во нашите срца и души, дали ќе живееме со радоста од спасоносниот настан во Витлеем и со одговорноста којашто Христовото рождество ја носи со себе. Веста за доаѓањето на Месијата, пастирите и мудреците ја примиле со радост и љубов, а царот Ирод, пак, ја примил со завист и љубомора. И како што радоста и љубовта нѐ прават вистински Христови следбеници, така зависта и љубомората се моќни чувства кои можат целосно да нѐ уништат, правејќи нѐ робови на омразата и на стравот. Токму така се чувствувал и Ирод кога од мудреците, коишто ја следеле чудесната ѕвезда, разбрал за раѓањето на пророкуваниот и очекуван Месија. Евангелието ни сведочи дека тој се вознемирил, плашејќи се да не го загуби својот престол. На сличен начин, како ова Иродово однесување, и ние честопати претпоставуваме дека квалитетите и успесите на другите луѓе ги засенуваат нашите, па почнуваме да ги гледаме нив како закана. Животот во Бога, пак, и осознавањето на вистината, дека бивајќи Божји чеда, меѓусебно сме браќа и сестри, нѐ вдахновува со љубов кон другите, со взаемна грижа и со радост за сечие преуспевање, истакнува во божикната порака поглаварота на МПЦ ОА г.г. Стефан.
Покрај одењето во црква традиција за Божик е да се подготви богата трпеза на која се собира целото семејство.
Божик се празнува три дена.
Г.М.