Православните христијани денеска го слават Христовото раѓање – Божик, еден од најрадосните празници. Традиционално тие големиот празник го дочекаа со посна, но богата бадникова трпеза.

Нека годината којашто доаѓа биде време на победа над злото и над непријателствата коишто владеат со светот, да биде време благопријатно за изобилни духовни плодови и време во кое ќе заврши страдањето од подмолната болест; нека биде и време на благодарност до здравствените работници, чија саможртва треба да биде за пример. – истакна во Божиќното послание Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Ова, нашево време, е време кога особено се испитува нашата вера, додаде Поглаварот на МПЦ-ОА, осврнувајќи се на положбата на Македонската православна црква и македонскиот народ.

Еве, и во 21-от век, за жал, продолжува оспорувањето на правото за национално самоопределување, како и непочитувањето на човековите права и слободи. Некои заборавија дека само она што се потпира врз вистината и правдата, дека само тоа што се создава во мир и со љубов, само тоа останува да живее во времето. Сегашноста и иднината не создале и не можат да создаваат минато или, по нечија желба, да го менуваат истото. Само луѓето и народите, поучени од минатото, можат да се менуваат и да се поправаат, за лошото да не се повтори. А историјата ни сведочи дека на сè што се потпира врз сила и невистина, кога-тогаш му доаѓа крајот. Затоа, како македонски народ, пред никого и за ништо да не отстапуваме од своето, од вековното! – порача г.г. Стефан.

Божик се празнува три дена.

OhridNews