Друштвото на писателите на Македонија, со самиот датум на формирање – 13 февруари 1947 година, со неговиот прв претседател,Блаже Конески, но, и остатантите – први членови: Васил Иљоски, Славко Јанески, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов, несомнено, е еден од главните белези на новата македонска државност и опстојба.
Ова, мегу другото, го нагласи претседателот на ДПМ, професор д-р Христо Петрески, говорејќи, синоќа, за големиот јубилеј – 75 години постоење, пред учесниците на, исто така, јубилејна, 55. македонистичка школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, на УКИМ, во Охрид.
Петрески ги наведе и бројните награди кои ги доделува ДПМ, како референца и престижност до кои се стреми секој автор во Македонија.
Друштвото денеска брои околу 300 члена, истакнати автори во литературата, естетиката и книжевната критика, кои создаваат во земјата и странство. Во сферата на културата и литературата е доминантна асоцијација, оваа есен во ноември, ќе биде распишан конкурс за избор на нови членови.
Нашите финансиски можности се скромни, затоа и ревијата „Стожер” ја издаваме само 4 пати во годината. Но, и покрај тоа, покренуваме иницијативи од поширок балкански, европски, па и светски карактер, како, на пример, онаа за формирање на „Европски книжевен парламент”, што наиде на поддршка и заеднички ќе ја реализираме со колегите и содејници од Црна Гора, потенцираше Петрески.
Синоќа, како прилог во одбележувањето на јубилејот на ДПМ, беа промовирани уште две изданија од серијалот од 5 книги, во издание на Општина Охрид: “Охридски раскажувачи” и „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“, во авторство на професор – др Димитар Пандев и поетот Славе Ѓорѓо Димоски.
Промотори беа асистент м-р Иван Антоновски и доцент д-р Бобан Карапејовски, додека присутните со аплауз го поздравија присуството на уредникот на изданијата, иницијатор и осмислувач на овој значаен издавачки проект, раководителот на Одделението за култура при локалната самоупрва, Митре Вељаноски.
Овој издавачки потфат промоторите го оценија како антологиски книжевен избор, заокружен книжевен мозаик на охридската нарација потпрена на свети Климентовата оставнина, стилска синтеза на народниот и црковно словенскиот јазик, но, и како драгоцен материкал од крајот на 19 и почетокот на 20.век, драгоцен од аспект на стандардизацијата на македонскиот литературен јазик.
Веле Митаноски