После екипата на Работнички и тимот на Силекс го положи оружјето на Градскиот стадион во Струга. „Црвено белите“ со 2-1 го совладаа кратовскиот прволигаш и стигнаа до вториот триумф во македонската фудбалска елита. Творец на победата беше голгетерот Христијан Кировски, кој ги постигна двата погодоци.

Христијан Кировски (Струга Трим Лум) – Подготвени бевме психички и физички за натпревар каков што одигравме. Силекс е многу квалитетен и искусен ривал и затоа не се залетавме и стрпливо ја чекавме нашата шанса. Покрај добриот биланс на почетокот од сезоната остануваме цврсто на нозе и се додека не ја оствариме првата цел-опстанок нема да помислуваме на ништо друго.

Горан Симов (Силекс) – Првото полувреме за разлика од второто го одигравме многу слабо. Екипата на Струга Трим Лум головите ги постигна поради наши грешки и слаба игра во одбрана. Поништен ни е чист погодок при резултат 1-1, но да не кукаме по судиските одлуки. Ги исправаме главите горе и во следната рунда одиме да победиме.

Јетон Беќири (Струга Трим Лум) – Во нашата лига нема лесен или тежок натпревар. Секој меч мора да се одигра многу добро да се добие. Јас сум задоволен од победата и бележиме голем напредок во играта. Ќе мора да поработиме во одбранбената фаза бидејќи противникот ни даде погодок од првата посериозна акција во второто полувреме. Исто така мора да ја поправиме реализацијата затоа што при резултат 2-1 имавме контри и полу контри кои не ги претворивме во трет погодок.

Во четвртата рунда од шампионатот, Струга Трим Лум на домашен терен ќе го пречека составот на Шкупи додека Силекс во Кратово силите ќе ги одмери со Македонија Ѓорче Петров.