Фудбалската репрезентација на Македонија во четврток (12 ноември) на Филип Втори ќе одигра контролен натпревар против соодветната селекцијата на Црна Гора. Официјално деби на клупата од А селекцијата ќе има селекторот Игор Ангеловски кој верува дека резултатите ќе дојдат само со верба во себе и пожртвуваност.
– Играме против една квалитетна репрезентација која во Скопје доаѓа во најсилниот состав. Ги почитуваме, но ќе бидеме фокусирани на нашата игра која ќе биде офанзивна и со цел да постигнеме гол повеќе од противникот. Сакам кај моите играчи да наметнат еден нов стил на игра кој ќе биде многу поофанзивен и похрабар. Верувам дека оваа репрезентација на Македонија е составена од квалитетни играчи кои треба да се ослободат од притисокот од минатите квалификации и да го покажат своето вистинско лице. Секој позитивен резултат кој ќе биде остварен, без разлика дали станува збор за пријателски ќе биде од големо значење за подигнување на самодовербата кај играчите. Само со верба во себе и пожртвуваност можеме да се радуваме на победи. – рече селекторот Ангеловски.
Капитенот Ванче Шиков вели дека се чувствуваат позитивни промени со новиот селектор и се надева дека натпреварот со Црна Гора ќе биде почеток на еден победнички циклус.
– Морам да нагласам дека на овој собир се чувствува подобра атмосфера од претходните. Се чувствуваат и позитивни промени со новиот селектор. Најмногу ме радува фактот што со новиот селектор ќе играме поофанзивен и поатрактивен фудбал. Сакам да го поздравам и враќањето на нашиот најдобар фудбалер и капитен Горан Пандев кој многу ни недостасуваше на минатите квалификации. Се надевам дека со него ќе завртиме нова страница и ќе започнеме еден нов победнички циклус. – потенцираше Шиков.
Фудбалерот на Легија, Иван Тричковски смета дека офанзивниот стил на игра треба да донесе и позитивни резултати во националниот состав.
– Ме радуваа фактот што ќе играме офанзивен фудбал. Напаѓачкиот стил на игра треба да ни донесе позитивни резултати. Најголемиот товар ќе биде на нас напаѓачите, бидејќи се очекува да постигнеме повеќе голови со кои ке дојдат и победите. – истакна Тричковски.
Ohridnews