Охридските „гладијатори“ во победничко светло се преставија во ракометна Европа елиминирајќи го холандскиот вицепрвак Крас Волендам со вкупен резултат (48-47) во двомечот од првата рунда квалификациска рунда за пласман во Купот на ЕХФ, кој се одигра во спортската сала „Билјанини Извори“.

Ракометрите на Охрид вториот натпревар одиграа храбро и како што знаат со срце, а фортуната им се насмевна во последните мигови кога се одлучуваше победникот.

– Голема беше разликата помеѓу првиот и вториот натпревар, иако резултатски помина исто. Притисокот на нас беше поголем во првиот меч, бидејќи не знаевме што не очекува од противникот и плус игравме на домашен терен. Во вториот натпревар публиката ни даде крилја, одигравме далеку подобро и храбро, а знаете храбрите среќата ги прати во решавачките моменти. – изјави Славиша Димитријески.

Еден од клучните мигови на натпреварот беше украдената топка на Јосип Кезиќ во нападот за егал на Крас Волендам.

– Тргнав да ризикувам и да украдам топка, со која би го решиле победникот. Мило ми е што успеав и асистирав за гол кој значеше сигурна победа и пласман понатаму. Што се однесува до самиот меч, во голем дел ги поправивме грешките во нападот и го засиливме обрачот во одбраната. Не им дозволивме лесни голови како во првиот меч, додека ние игравме течно во нападот. За Порто нема да размислуваме одредено време, но знам дека ќе биде чест и задоволство да се игра против таква екипа. – додаде Хрватот.

Првиот меч од втората квалификациска рунда се игра на 7/8 октомври додека реваншот 14/15.

Мх.П.